Нивите за карго-аеродромот повторно ќе се работат

Bez autora
Sep 01 2011

Над 400 хектари најплодно земјиште во Овчеполието, на кое по осум години треба да се гради карго-аеродром, повторно се ставаат во производна функција. На огласот на Министерството за земјоделство објавен во април годинава за давање под закуп на ова земјиште аплицирале 66 заинтересирани физички и правни лица. Според Соња Трајкова, портпаролка во Министерството, поделбата ќе биде извршена наскоро со идеја оние што ќе добијат земјиште да можат да ја фатат есенската сеидба. До вакво решение се дојде откако сточарите и земјоделците ја притиснаа Владата најквалитетните ниви во Македонија да не останат обраснати во плевел и трње во период од цели десет години кога ќе се вршат испитувања на метеоролошките услови над овој простор за потребите на најавениот карго-аеродром. Земјоделците од Мустафино, Ерџелија, Врсаково и од Три Чешми, како и сточарите од целата држава, постојано бараа привремено да се работат нивите.

Нивите за карго-аеродромот повторно ќе се работатНад 400 хектари најплодно земјиште во Овчеполието, на кое по осум години треба да се гради карго-аеродром, повторно се ставаат во производна функција.

На огласот на Министерството за земјоделство објавен во април годинава за давање под закуп на ова земјиште аплицирале 66 заинтересирани физички и правни лица. Според Соња Трајкова, портпаролка во Министерството, поделбата ќе биде извршена наскоро со идеја оние што ќе добијат земјиште да можат да ја фатат есенската сеидба.

До вакво решение се дојде откако сточарите и земјоделците ја притиснаа Владата најквалитетните ниви во Македонија да не останат обраснати во плевел и трње во период од цели десет години кога ќе се вршат испитувања на метеоролошките услови над овој простор за потребите на најавениот карго-аеродром.

Земјоделците од Мустафино, Ерџелија, Врсаково и од Три Чешми, како и сточарите од целата држава, постојано бараа привремено да се работат нивите.

Во март годинава, на средба на сточарите од југоисточна Македонија, одржана во Штип, беше речено дека сточниот фонд стравотно се намалува најмногу поради недостиг од сточна храна. А сточна храна немало во доволни количини, бидејќи таа престанала да се произведува во најголемото производно подрачје на храна за стоката во државава, какво што е овој дел од Овчеполието. Еден месец подоцна, Владата го слушна крикот на сточарите и на земјоделците и донесе одлука нивите да се дадат под закуп.

„Огласот за давање на ова земјиште под закуп беше објавен уште во април годинава, но уследија предвремените избори, кои за момент ја закочија целата постапка. Во Министерството имаме добиено 66 апликации за земање под закуп на овие ниви, а распределбата ќе биде извршена согласно со критериумите и во време што ќе овозможи да биде фатена претстојната есенска сеидба“, ни изјави Соња Трајкова.

Земјиштето се дава под закуп на рок од седум години, при што максималната површина што може да ја добие едно заинтересирано земјоделско семејство не може да биде поголема од десет хектари. Право на учество имаат домашни физички и правни лица, како и странски правни лица што имаат регистрирано подружници во нашава држава. Физичките лица мора да го исполнуваат и условот земјоделството да им е претежна дејност, а домашните правни лица земјата да им е потребна за научноистражувачка работа.

Покрај ова, правните лица се обврзани да поднесат и бизнис-план, како и да ја појаснат целта за која го бараат земјиштето. Почетната цена на закупнината е 25 евра за ниви од прва до четврта класа и 15 евра за ниви од петта до осма класа. При бодирањето, 60 бода ќе се добиваат за оддалеченоста на барателот од нивите, а 40 бода за понудената цена. Според математиките што ги направија земјоделските стручњаци од овој крај, за седум години државата ќе оствари земјоделско производство вредно десет милиони евра. Сите овие ниви се опфатени со водите на регионалниот Брегалнички хидромелиоративен систем.

Најплодните ниви во светиниколскиот и во штипскиот дел на Овчеполието државата ги откупи од нивните сопственици во текот на 2009 година. Таа постапка се случи откако претходно Владата донесе одлука на овој простор да се гради карго-аеродром, па земјиштето од земјоделско го трансформира во градежно. На сопствениците им беше платена трипати поголема цена од реалната, поради што многумина тогаш говореа дека подобро ќе профитираат од парите што ќе „работат“ за камата во банките отколку од работата на своите ниви. Но, откако беше објавено дека турски ТАВ ја одложува изградбата на карго-аеродромот за цели десет години, земјоделците побараа нивите да не стојат празни толку долго, туку да се дадат под закуп.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik